Како да ги чистите и одржувате Вашиот фотоапарат и објективот
Гледам точки/прашина на сликата што ја сликав со мојот фотоапарат
Најчестиот проблем со кој се соочуваат фотографите со диготални фотоапарати е присуството на прашина во сензорот на фотоапаратот. Тоа може негативно да влијае врз фотографиите бидејќи тие дифузни темни точки се гледаат на посветлите делови на сликата. Најчесто се гледаат на сино небо како што е прикажано на примерот подолу.Понекогаш погрешно се мисли дека точките што се појавуваат на фотографиите се од прашината на проѕирното огледало, електронскиот визир или објективот. Прашината на проѕирното огледало или на електронскиот визир немаат никаков ефект врз финалната обработка на фотографијата. Нормалните честички од прашина во објективот се премали и предалеку од фокусната точка за да се гледаат на фотографиите.Кои мерки на претпазливост треба да ги преземам за да се избегне појава на прашина на сензорот или на проѕирното огледало?
Не е можно целосно да се избегне прашината што влегува во фотоапаратот, но има голем број мали совети за драстично намалување на ризикот од нејзино навлегување.
- Исклучете го фотоапаратот пред да го заменувате објективот. Со тоа ќе се намали статичкиот електрицитет на сензорот и ќе се намали ризикот од привлекување прашина.
- Проверете дали задниот елемент од објективот е чист и без прашина пред да го прикачите на фотоапаратот. Користете рачна дувалка за да ја издувате прашината и другите честички што можат да предизвикаат гребаници на стаклото. Потоа можете да користите сува крпа со микрофибер, ако и понатаму е потребно.
- Не оставајте го фотоапаратот со отворен отвор за монтирање на објективот подолго време. Кога го вадите објективот, ставете го капачето за телото на фотоапаратот или заменете го објективот веднаш.
- Доколку е можно, заменувајте ги објективите во сува околина каде што нема многу прашина или песок
- Кога го заменувате објективот, насочете го отворот за монтирање на објективот надолу за да не паѓа прашината внатре во фотоапаратот.
- Капачињата за задниот дел од објективот и капачето за телото на фотоапаратот нека бидат чисти и без прашина. Кога се прикачува објектив на фотоапаратот, капачето за задниот дел од објективот можете да го ставите на капачетот за телото од фотоапаратот. Така капачињата нема да се полнат со прашина или нечистотија, особено кога го чувате капачето во торбичка за фотоапарат.
- Торбичката за фотоапаратот треба секогаш да биде чиста. Ќе се изненадите колку многу нечистотија и прашина ќе се насобере во торбичката по некое време користење. Испразнете ја торбичката целосно и со правосмукалка исчистете ја сета прашина и нечистотија. Проверете дали сте ги извадиле сите мали делови, како што се мемориските картички, капачето за адаптерот за блиц и друго од торбичката пред да ја користите правосмукалката.
Што можам да направам кога ќе забележам прашина на сликите?
SLT-фотоапаратите имаат функција за двофазна заштита против прашина.
- Антистатички слој на оптичкиот филтер за ограничување на опсегот
- Вибрација на сензорот за лесно протресување и ослободување од прашината што е лабаво нафатена на филтерот. (SLT-моделите што се појавија во летото 2011 година (SLT-A77 и поновите модели) имаат поефикасна ултразвучна вибрација за растерување на прашината за разлика од претходните модели
Оваа вибрација на сензорот се врши автоматски секојпат кога ќе се исклучи фотоапаратот, а може да се активира и од менито кога е потребно. Бидејќи функцијата против прашина внатре во фотоапаратот се вклучува автоматски при секое исклучување на фотоапаратот, видливата прашина на претходните фотографии можеби веќе ја нема. Освен тоа, нормалните честички од прашина се многу мали и тешко се забележуваат со голо око кога гледате во сензорот.
Како да го исчистите сезорот на фотоапаратот (односно оптичкиот филтер пред него)
Sony може да одобри само еден метод за чистење што можат да го вршат корисниците, а тоа е користење на прирачникот и гумена пумпичка за дување (rocket blower)*. Примената на други методи може да претставува ризик од оштетување на сензорот, односно оптичкиот филетр пред сензорот, и поради тоа да не важи гаранцијата за фотоапаратот.
За да го исчистите оптичкиот филтер пред сензорот, постапете на следниов начин:
- Исклучете го фотоапаратот со што автоматски ќе се вклучи вибрацијата на сензорот за да се растера лабавата прашина.
- Извадете го објективот. Сега можете да го видите „проѕирното огледало“ што го блокира сензорот за слики. Употребете гумена дувалка со цел нежно да ја истерате прашината што се нафатила на проѕирното огледало, но никако не допирајте го.
- За да дојдете до сензорот, огледалото треба да излезе нагоре од лежиштето. Со врвот на прстот нежно притиснете го лостот за заклучување на огледалото за да излезе нагоре.
Внимавајте да не ја допрете површината на проѕирното огледало! Огледалото во овој фотоапарат е направено од проѕирна фолија. Со допирањето на огледалото може да се создаде нечистотија или деформација и тоа влијае врз квалитетот на сликата или работата на фотоапаратот. - Насочете го делот за монтирање на објективот надолу и ставете го врвот од дувалката веднаш под отворот за монтирање на објективот и дувнете неколку пати. Со тоа обично се растеруваат типичните честички од прашина нафатени на сензорот и се издувуваат од фотоапаратот.
- Откако ќе завршите, со врвот на прстот повторно притиснете го нежно задниот дел на огледалото за да дојде во својата нормална положба додека не слушнете звук за заглавување. Да повториме, допирајте ја само рамката на огледалото, но не и самата површина на огледалото.
*Рачна гумена дувалка/гумена дувалка: Постојат голем број производители што произведуваат рачни дувалки и во голема мера се разликуваат според цената и квалитетот. Добрите гумени дувалки имаат заменливи филтри за воздух со што се оневозможува вдувување уште повеќе прашина во комората на фотоапаратот. Гумената дувалка претставува суштински дел од фотографската опрема и во повеќето од случаите дава задоволителни резултати за брзо време.
Забелешка: Никогаш не користете затворен компримиран воздух за чистење на сензорот! Притисокот може да биде превисок и со тоа да предизвика штета, но можат да навлезат и мали капки агресивна течност до оптичкиот филтер или до проѕирното огледало и да предизвикаат сериозно оштетување.
Прашина на проѕирното огледало
Проѕирното огледало е многу чувствителен дел од фотоапаратот.
Огледалото во овој фотоапарат е направено од проѕирна фолија. Со допирањето на огледалото може да се создаде нечистотија или деформација и тоа влијае врз квалитетот на сликата или работата на фотоапаратот. Исто така, проѕирната фолија лесно може да се изгребе.
Никогаш не обидувајте се да ги отстраните нечистотијата, прашината или маснотијата од SLT-огледалото со триење и никогаш не користете никакви течни средства за чистење. Тоа ќе го оштети проѕирното огледало. Оштетувањето предизивикано поради директен контакт со проѕирната фолија нема да биде опфатено со гаранцијата.
Со цел да се зачува SLT-огледалото чисто и да се овозможи оптимална работа на фотоапаратот, редовно користете гумена дувалка за воздух* за да се избегне наталожување на прашината. Чистете ја и надворешноста на задниот елемент на објективот пред да го менувате самиот објектив. Ова е особено корисно пред да го користите фотоапаратот во средина со висока влажност или со опасност од кондензација. Комбинацијата на прашина на SLT-огледалото и влага/кондензација може да предизвика прашината да се залепи на огледалото
*Рачна гумена дувалка/гумена дувалка: Постојат голем број производители што произведуваат рачни дувалки и во голема мера се разликуваат според цената и квалитетот. Добрите гумени дувалки имаат заменливи филтри за воздух со што се оневозможува вдувување уште повеќе прашина во комората на фотоапаратот. Гумената дувалка претставува суштински дел од фотографската опрема и во повеќето од случаите дава задоволителни резултати за брзо време.
Забелешка: Никогаш не користете затворен компримиран воздух! Притисокот може да биде превисок и со тоа да предизвика штета, но можат да навлезат и мали капки агресивна течност до проѕирното огледало и да предизвикаат сериозно оштетување.
Прашина во објективот
Прашината во објективот е нормална појава и нема потреба од никаква грижа. За разлика од прашината на сензорот, прашината во објективот нема да се прикаже на сликите. Доколку забележите прашина во објективот (полесно се забележува со голо око отколку прашината на сензорот), слободно можете да продолжите со фотографирање!
Објективот мора да овозможи извесен проток на воздух бидејќи елементите во објективот постојано се движат навнатре при фокусирање и/или зумирање. Доколку објективот би бил целосно затворен, елементите би можеле да се движат само малку и би се вратиле назад поради притисокот на воздухот во внатрешноста.
Дури и кога објективот е целосно нов, веќе може да има малку прашина во објективот. Тоа не е дефект. Објективите се произведуваат со голема грижа во многу чиста околина, но не можат да бидат целосно без прашина.
Како да ги чистите и одржувате телото и објективот на фотоапаратот
Чистењето на телото и објективот на фотоапаратот е неопходно за да биде опремата во добра состојба, но, исто така, тоа е деликатна постапка. Затоа, најдобар начин да бидат во добра состојба е да се грижите за нив внимателно:
Секогаш местете го капачето на објективот.
Чувајте го објективот во заштитна футрола.
Носете ја опремата за фотоапаратот во соодветна торбичка.
Галантерија можете да најдете овде.
Може да се јави и одредена кондензација ако сте на многу влажно место или ако се преместувате од ладно на топло место. Оваа кондензација може да доведе до оксидација на некои од металните делови во телото и до појава на дефекти. Покрај тоа, можат да се развијат габи и мувла и да ја оштетат опремата. За да се намали овој ризик, би било добро да се чуваат кесички со силиконски гел во футролата за носење. Силиконскиот гел ќе помогне да се апсорбира дел од влагата.
Кога ракувате со опремата, во телото на фотоапаратот и објективот можат да влезат прашина или други цврсти честички, а можат да се појават и отпечатоци од прсти. Еве како да ги отстраните тие без да ја оштетите опремата.
- Тело на фотоапаратот
По еден поминат ден на плажа, на пример, преку отворите можат да влезат зрнца песок во телото на фотоапаратот. Ако не се отстранат веднаш, тие ќе навлезат во бирачите за нагодување што ќе предизвика предвремено трошење и фотоапаратот ќе стане неупотреблив. Тие можат да им наштетат на прстените за фокусирање на објективот и сериозно да го оштетат.
Наједноставното решение за отстранување на честичките е да се исчетка надворешниот дел со мека четка. Не притискајте силно бидејќи тоа може да го изгребе телото на ЛЦД-екранот.
Може да се употреби и памучно крпче ако лепливата прашина не може да се отстрани со четка. Рачниот дувач често е ефикасен за тешко достапни места.
И на крај, ако телото на фотоапаратот е извалкано со супстанции кои потешко се отстрануваат (кал и сл.), најсоодветно решение би било крпче од микрофибер (лесно може да се најде кај оптичар) малку навлажнето со вода. Се препорачува микрофибер бидејќи тоа не го гребе ЛЦД-екранот.
Не користете хемиски производи како што се растворувачи, бензин, алкохол, марамчиња за чистење за една употреба, итн. - Објективи
Објективите треба да се третираат со посебна грижа. Стаклото од кое се составени објективите е многу кршливо и подложно на гребење. Објективите треба да се чистат како последно решение. Се влијае врз оптичката површина при секое чистење. Секогаш остануваат траги, дури и ако не се веднаш видливи со голо око. Подобро е објективот да има малку прашина отколку да се изгребе.
Според нас, чистењето е неопходно ако видите отпечатоци од прсти. Тие се мрсни и киселински по природа, па можат да го оштетат антирефлексниот слој на објективот. Исушените капки од вода и морски спреј содржат кристали од сол што, исто така, можат да го оштетат стаклото и мораат да се отстранат.
Отстранување прашина и микрочестички
Прво, употребете гумена рачна дувалка за да се отстрани најголемиот дел од прашината. Никогаш не дувајте со уста. Ако дувате со уста се лепат честички од плунка на објективот кои оставаат траги и тешко се отстрануваат.
Понатаму, користете мека четка за отстранување на прашината од објективот. Не допирајте ги влакната од четката со прсти бидејќи ќе ги измрсите и ќе се појават траги. Не притискајте многу силно. По еден поминат ден на плажа, на пример, можат да останат микрочестичките од кварц или силикон на стаклото од објективот и со неправилно чистење може да се изгребе оптичката површина.
Отстранување масни дамки и отпечатоци од прсти
Како општо правило, избегнувајте да го допирате стаклото со прсти. Ако на стаклото има отпечатоци од прсти, никогаш не отстранувајте ги со Вашите алишта или книжно марамче. Нивните влакна се многу рапави и можат да го изгребат стаклото.
Користете крпче од микрофибер и чувајте го во торбичка во футролата за носење за да не се наполни со прашина.
Ако Ви треба течност за да ги отстраните масните траги, не користете вода од чешма бидејќи нејзините соли можат да го изгребат стаклото.
Наместо тоа, навлажнете го крпчето од микрофибер во дејонизирана вода и нежно избришете ја површината на стаклото, без триење.